Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орге Ѓорѓиевски, ја најави новогодишната манифестација „Новогодишна зимска бајка“, која ќе донесе радост и забава за сите генерации. Настанот, организиран во соработка со Државна лотарија на Македонија, ќе се одржи во недела, 22 декември, од 18 часот кај Крстот во Драчево.
Програмата е поделена во два дела. Во првиот, најмладите ќе можат да уживаат во настапот на детскиот фестивал „Поточиња“, театарската претстава „Чекори“, како и бесплатно фотографирање со Дедо Мраз и популарни цртани ликови.
Во вториот дел од вечерта, присутните ќе ги забавуваат познатите македонски изведувачи ДНК, Андријана Јаневска, Лина Пејовска и Огнен Здравковски, со голем музички концерт посветен на македонската песна.
„Ова е настан кој ги обединува сите генерации и носи празнична магија за сите жители на нашата општина,“ изјави Ѓорѓиевски, додавајќи дека настанот ќе биде збогатен со топли пијалоци, вкусна храна и изненадувања за најмладите.
Настанот е дел од иницијативата за промоција на празничниот дух во општина Кисела Вода, а организаторите ветуваат незаборавна вечер исполнета со радост и забава.






