Министерот за транспорт и врски и потпретседател на Владата, Александар Николовски, соопшти дека авиокомпанијата „Визер“ започнува со продажба на карти за нови субвенционирани линии од скопскиот аеродром до Барселона, Лион и Штутгарт.
„Ветувањата се остваруваат! Со овие нови авиолинии ја развиваме Македонија и ја подобруваме поврзаноста на нашата земја со Европа,“ изјави Николовски.
Министерството за транспорт и врски продолжува со вториот повик за воведување нови авиолинии, а Николовски информира дека се во тек интензивни разговори со повеќе авио-компании за зголемување на бројот на дестинации достапни за македонските граѓани.
„Ова е чекор напред во создавањето можности за лесно патување, економски раст и развој на туризмот во Македонија. Со овие иницијативи ја потврдуваме нашата заложба за градење модерна и поврзана држава,“ нагласи Николовски.
Новите авиолинии се дел од стратегијата за унапредување на воздушниот сообраќај и отворање нови перспективи за граѓаните и бизнис заедницата.






