Градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, на дискусијата во Владата на Република Македонија, свикана од министерот за животна средина Изет Меџити, истакна потреба од итни и конкретни чекори во борбата против загадувањето на воздухот.

Ѓорѓиевски предложи воведување на Комунална полиција која строго ќе постапува против создавачите на диви депонии и локалните загадувачи. Тој нагласи дека моменталните казни од 50 до 200 евра се несоодветни, иницирајќи значително зголемување на глобите на 4000 до 6000 евра. Дополнително, побара можност за заплена на возилата кои се користат за нелегално исфрлање отпад, што потоа ќе се предаваат на МВР.
„Мора да има бескомпромисна борба против загадувањето ако сакаме здрава животна средина и чист воздух,“ порача Ѓорѓиевски, потенцирајќи дека е потребна координирана акција меѓу сите институции.

Тој ја поздрави Планската програма за почист воздух 2024–2030, која вклучува конкретни проекти за заштита од еколошките штети. Покрај зачестени инспекции, програмата предвидува нови еколошки извори на енергија и замена на несоодветните материјали за затоплување.
Со воведувањето на овие мерки, Ѓорѓиевски изрази увереност дека заедничките напори ќе дадат резултати во обезбедување почиста и поздрава животна средина за сите граѓани.







