Пазарните инспектори излегова на терен и вршат проверка на сегашните цени на производите што за три дена ќе се најдат во новогодишната кошничка.
Целта на ваквите контроли, како што вели директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски е да се направи увид во цените на производите од новогодишната кошничка кои од 15 декември треба да бидат намалени.
Со ова, според ДПИ ќе се утврди дали по почетокот на акцијата, трговците ќе се придржуваат до иницијативата за акциско намалување на цените од најмалку 10 отсто на прехранбени производи кои најмногу се продаваат во текот на новогодишните празници.
Од друга страна, граѓаните не веруваат дека поевтинувањето ќе биде реално, стравуваат дека и овој пат производите ќе поскапат за потоа да поевтинат.
Најавената т.н. новогодишна кошничка ќе стартува на 15 декември и ќе трае до 15 јануари следната година и со неа се опфатени над 700 производи. Производите што ќе бидат опфатени со акцијата, во маркетите ќе бидат обележани со натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе“.
Од ДПИ велат дека во периодот додека трае новогодишната кошничка ќе има засилени контроли, но нема да има казнување, туку препораки.
Од инспекторатот велат дека доколку граѓаните забележат неправилности, може да ги пријават на бесплатниот телефонски број 191 или на веб-страницата www.dpi.gov.mk.
Во меѓувреме, Државниот завод за статистика го објави индексот на трошоци на живот за ноември, во кој се забележува поскапување на цените на производите и тоа за 2,1 проценти за храна и безалкохолни пијалаци.







