Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денес оствари средба со Амбасадорот на Република Казахстан, Н.Е. Сатибалди Буршаков. Средбата се одржа во духот на меѓусебно пријателство и со заедничка визија за продлабочување на економската, културната и туристичката соработка меѓу Битола и Казахстан.

Градоначалникот Коњановски го информираше амбасадорот за клучните проекти што ги спроведува општината, како и за природните ресурси и можностите за странски инвестиции. Беше посебно нагласена важноста на соработката во областите на туризмот, производството и трговската размена.
Од своја страна, амбасадорот Буршаков ја претстави економската динамика на Казахстан, со акцент на растот во градежништвото, енергетиката и извозот на храна. Тој изрази подготвеност за иницирање нови заеднички проекти, вклучувајќи отворање конзуларно претставништво во Битола и збратимување на градот со казахстанска општина.
„Со отворање на вакви мостови за соработка, не само што ќе го поттикнеме економскиот развој, туку ќе создадеме и услови за размена на културни и туристички вредности,“ изјави Коњановски.
Средбата заврши со заедничка заложба за конкретни активности кои ќе ги продлабочат релациите меѓу двете земји.







