Новинар: Ај на македонски сега, кој ќе даде изјава?
Крешник Бектеши: Ќе ви пренесат колегите.
Кога новинарите го замолија партискиот потпретседател Османи да го преведе на македонски, неговиот лидер не дозволи.
-Имаше изјава г. Ахмети, ќе добиете транскрипт и на македонски јазик..
Новинар: Битно е ова, ако може вие да кажете..
Османи до Ахмети: Да преведам јас..
Ќе добиете транскрипти бидејќи одговори господинот Ахмети пред неколку минути за ова. – Бујар Османи – потпретседател на ДУИ.
Инаку, новинарите инсистираа да добијат одговор за понатамошниот партиски активизам на Артан Груби по серизните наводи за корупција и неговото назначување на американската црна листа. Ахмети кажа дека неговиот сопартиец е совесен и сам ќе се повлече од функциите во ДУИ, без да прецизира дали тоа вклучува и замрзнување на членството.
„ Ние не ги оспоруваме одлуките на Стејт департментот, господинот Груби има право на жалба, ќе го води процесот според фактите. Ова право го има во одлуката на Стејт департментот и тој сигурно нема да му наштети на неговиот субјект, на неговото семејство, додека овој процес не добие епилог. Мислам дека господинот Груби е одговорен и совесен, нема потреба да го отстраните од партијата, секако ќе се повлече од сите партиски функции. “Али Ахмети – претседател на ДУИ.
Според образложението од Стејт Департментот, Груби како и судијата Енвер Беџети се ставени на листата поради примање мито за предмети поврзани со поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Инаку Артан Груби е втор висок функционер од ДУИ кој се најде на американската „црна листа“ – минатата година во јуни САД го прогласи струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за „персона нон грата“ поради вмешаност во значителна корупција, злоупотреба на фондови и мешање во судството.
Тогаш од Мала Речица соопштија дека тој го замрзнал неговото членство во ДУИ, но неговото присуство е забележително на сите партиски јавни настани.
Извор: Канал5






