Министерот за правда, Игор Филков, денес присуствуваше на настанот „Да ја доближиме правдата поблиску до граѓаните“, организиран од Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.

Во своето обраќање, Филков нагласи дека Министерството за правда останува посветено на создавање услови за силен и ефикасен правосуден систем кој ќе им овозможи на граѓаните да се чувствуваат сигурни и праведно третирани.

Од почетокот на годината до крајот на октомври, Министерството има обезбедено примарна правна помош за 2.360 лица кои побарале таква поддршка. Дополнително, секундарната правна помош, која подразбира ангажирање адвокат во судски постапки, била одобрена за 171 од вкупно 238 поднесени барања. Само 28 барања биле одбиени, што, според министерот, ја покажува посветеноста на институцијата да обезбеди пристап до правда за најранливите категории граѓани.

Министерот посебно го истакна значењето на Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство, како важен чекор во поддршката на жртвите. Во октомври беше отворена Канцеларијата на Комисијата за паричен надоместок, која веќе работи на шест предмети.
Филков упати честитки до победниците и учесниците на натпреварот во фотографии и цртежи под мотото „Да ја доближиме правдата поблиску до граѓаните“.
„Нека правдата биде основата на нашата заедничка иднина. Заедно да создадеме праведен и хуман систем кој ќе им служи на сите граѓани,“ порача министерот.






