Првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити, во своето гостување на Алсат М жестоко ги критикуваше Артан Груби и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Меџити истакна дека Груби секогаш делувал со дозвола од Ахмети и дека тоа имало сериозни последици за Албанците.
„Нашата битка, нашата борба, она што го зборувавме, се докажа, иако малку доцна. Чувствувам жалење. Можноста му беше дадена од г. Ахмети, бидејќи и самиот Груби изјави дека ништо не направил без согласност од Ахмети,“ изјави Меџити.
Тој го обвини Груби дека со своите постапки сериозно ги оштетил идеалите и жртвите на Албанците.
„Со дозвола од Ахмети успеа да уништи едно големо вложување на Албанците, платено со крв, со големи инвестиции, многу гласови, многу труд и жртви, за на крај од тој голем идеал да се претвори во слуга на режимот на Груевски и Мијалков,“ изјави Меџити.






