Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, членови на Владата и меѓународни претставници, учествуваше на Годишната конференција на локалната самоуправа.

Во своето излагање, Ѓорѓиевски ги претстави приоритетите на ЗЕЛС, со посебен акцент на децентрализацијата и финансиската стабилност на општините. Тој истакна дека годишно ревидираните ставови на ЗЕЛС се основа за ефикасно лобирање пред централната власт.

„Ме радува што Владата ги разбира предизвиците на локалната самоуправа и активно работи на реформи, вклучувајќи подобро финансирање и дигитализација на услугите за граѓаните,“ изјави Ѓорѓиевски, додавајќи дека новиот Меморандум за соработка помеѓу Владата и ЗЕЛС ќе биде од клучно значење за натамошниот развој.

Тој нагласи дека само со заеднички напори, соработка и силна поддршка, локалната власт може да стане мотор на одржливиот развој и усвојувањето на европските стандарди.







