Неколку институции се прогласиле за ненадлежни да му помогнат на неподвижен човек од село Видовиште, кој три дена не јадел и не пиел, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Ванчо Димитров, жител на ова село, пријавил на бројот за итни случаи 112 дека се наоѓа во многу лоша здравствена состојба, поради неподвижноста и недостаток на храна и вода.
ЦУК веднаш побарал од надлежните институции да интервенираат, но од Итната медицинска помош Кочани и СВР Штип добиле одговор дека не можат да дејствуваат бидејќи неговиот случај не спаѓал во нивните надлежности. Преку обидите за контакт со Црвен Крст Кочани не се успеало да се воспостави комуникација, бидејќи не одговориле на телефон. На крај, директорот на Јавното комунално претпријатие „Водена кула“ од Зрновци организирал испраќање на храна и други потреби за Димитров во манастирот во село Видовиште.
Црвениот крст Скопје и Црвениот крст Кочани, на крај, успеале да стапат во контакт и испратиле волонтери кои денес ќе му достават храна и вода. Во понеделник, Центарот за социјални работи Кочани ќе преземе мерки според нивната надлежност.







