Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес оддаде почит пред споменикот на Свети Климент Охридски во дворот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. Настанот се одржа на покана на претседателката на Република Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, во чест на празникот посветен на големиот македонски духовник и учител.

„По Климентовите дела светот нѐ препознава, а македонскиот народ со особена почит и гордост го празнува денот посветен на еден од најистакнатите ученици на светите браќа Кирил и Методиј,“ изјави Ѓорѓиевски.

Тој ја истакна важноста на Климент Охридски како основач на првиот универзитет на Балканот и еден од најзаслужните за поставување на темелите на писменоста и духовната култура во Европа.
„Делото на Свети Климент Охридски е столб на нашата историја и духовност. Да го чуваме и негуваме неговото наследство, кое е патоказ за идните генерации,“ додаде тој.

Ѓорѓиевски повика да го чуваме споменот на големиот учител и патрон на Македонската православна црква, посакувајќи празникот да биде честит и вековит за сите.
На настанот беа присутни и други високи функционери, кои го нагласија значењето на Свети Климент Охридски за македонската култура и историја.






