Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес присуствуваше на прославата по повод патрониот празник на Богословското училиште „Св. Климент Охридски“. На покана на поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, Ѓорѓиевски ја истакна својата чест и задоволство што ова значајно училиште се наоѓа токму на територијата на општина Кисела Вода, во населбата Драчево.

„Ова училиште е расадник на духовни кадри кои ја продолжуваат мисијата на Св. Климент и ја чуваат традицијата на Климентовата школа. Горди сме што овде, на нашите простори, е основан првиот словенски универзитет кој ни ги пренесува духовните и јазичните вредности на нашиот народ,“ рече Ѓорѓиевски.
Тој упати благодарност за можноста да биде дел од овој значаен ден, истовремено упатувајќи честитки за патрониот празник на Македонската Богословија. Ѓорѓиевски ги повика сите граѓани да го негуваат духот и наследството на Св. Климент, поттикнувајќи ги да придонесат кон изградба на подобро и похармонично општество.

„Да бидеме добри луѓе, за добрини да ни се случуваат,“ порача градоначалникот.
На крајот, тој истакна дека наследството на Св. Климент не е само духовен столб, туку и потсетник за нашата обврска да ја чуваме и развиваме нашата земја. „Нека ни е честит и вековит празникот, за многу години!“ – заврши Ѓорѓиевски.







