Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска објави почеток на обновата на култната спортска сала „Расадник“, домот на ракометниот клуб Вардар. На настанот, кој претставува значаен момент за општината, присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт, Борко Ристовски, кои ги добија највисоките пофалби за нивната заложба и поддршка во реализацијата на овој значаен проект.

„Со огромна гордост денеска објавуваме дека ‘Расадник’ конечно ќе добие нов современ лик. Благодарение на премиерот Мицкоски и министерот Ристовски, оваа сала повторно ќе стане храм на спортот, не само за Кисела Вода, туку и за цело Скопје,“ изјави Ѓорѓиевски.
Салата „Расадник“ има огромна историска вредност за ракометниот клуб Вардар, кој во периодот од 1985 до 1999 година токму овде ги постави своите основи. Според најавите, по завршувањето на реконструкцијата, салата ќе биде дом на РК Вардар, што беше поздравено и од директорот на клубот, Михајло Михајловски, кој присуствуваше на настанот заедно со ракометарите.

Градоначалникот истакна дека со овој проект се коригира неправдата од минатото, кога „Расадник“ беше заборавен во услови кои ја одразуваа нефункционалноста на системот во изминатите 30 години.
„Оваа сала е доказ за тоа како со години наназад се ветуваше многу, а се реализираше малку. Денеска, благодарение на заложбата на Владата и премиерот Мицкоски, приказната се менува. Овде повторно ќе се раѓаат спортски имиња, а нашата младина ќе добие место за инспирација и развој,“ нагласи Ѓорѓиевски.

Посебна чест за градоначалникот беше присуството на новинарот и спортски работник Атанас Костовски, кој присуствувал на отворањето на салата во 1985 година и заедно со Ѓорѓиевски се договориле повторно да го означат нејзиното ново отворање.
Со овој проект, според Ѓорѓиевски, се поставува нова ера во спортот во Кисела Вода, а премиерот и министерот за спорт се запишуваат во историјата на општината како луѓе кои направиле значаен чекор за враќање на спортскиот живот.
„Најдоброто допрва доаѓа!“ порача градоначалникот, додавајќи дека наскоро граѓаните ќе бидат сведоци на преполна сала и нови спортски спомени во „Расадник“.







