Во организација на вчера се одржа панел дискусија на тема “Локална демократија и отповикување на градоначалници“.
Настанот ги собра локалните лидери, експерти и активисти од регионот за да се разговара за предизвиците со кои се соочуваат општините и за механизмите што можат да се воведат за зголемена отчетност на градоначалниците.

На дискусијата учествуваа Моника Зајкова – пратеничка на ЛДП, градоначалникот на општина Битола – Тони Коњановски, првиот претседател на совет (1991), Златко Милошевски, Васко Наумовски универзитетски професор и поранешниот претседател на совет на општина Битола – Валентин Груевски.-Граѓаните треба да имаат право да побараат одговорност од оние на кои им го дале својот мандат. Оваа иницијатива во Собранието ја почна ЛДП пред една година, тогаш немаше интерес од јавноста, а сега една година подоцна наидува на огромна поддршка. Оваа иницијатива не само што ја враќа довербата, туку и ја јакне демократијата на локално ниво, истакна Моника Зајкова.

Фокусот на панелот беше ставен на иницијативата за воведување правен механизам за отповикување на градоначалниците, со цел да се обезбеди алатка за граѓаните да ја изразат својата волја во ситуации на злоупотреба на функцијата или неисполнување на обврските од страна на локалните лидери.-Иницијативата ја има мојата поддршка, секој градоначалник треба да поднесе одговорност пред граѓаните кои го избрале. Има премногу политика која многу смета во локалната самоуправа. Секој треба да има одговорност, а не да преспие четири години, изјави градоначалникот Коњановски.
Настанот во Битола е дел од поширока серија активности на Либералниот институт, кои ќе продолжат низ различни региони на Македонија. Целта е да се подигне свесноста за важноста на отчетноста на локалните власти, да се промовираат иновативни решенија за унапредување на локалната демократија, како и да се донесе законска регулатива за оваа проблематика. Со оваа иницијатива се испраќа јасна порака дека политиката мора да биде транспарентна и одговорна, ставајќи ги потребите на граѓаните на прво место. Либерален институт – Скопје.







