Општина Штип, го распиша тендерот за изградба на новата обиколница, која ќе се протега од приградската населба Железничка, до месноста Рибник, кај Кежовица. Тендерот ќе трае 30дена и веднаш по изборот на изведувачот и евалуација на проектот, ќе се започне со градежните активности. Освен што ќе се намали интензитетот на сообраќајот, новата обиколница ќе овозможи и урбанизирање на овој дел од градот, кој сега е запуштен и се користи како дива депонија.
„Ќе овозможи полесно поврзување на жителите од останатите населби, побрз проток на возила, но крајната цел е да се создаде развој и можност за зони за домување и индустрија, нешто што на градот му е неопходно. Перспективно планираме развој на овој дел од градот и можност за урбанизација“ изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип
Истата ќе се гради по сите европски сообраќајни стандарди. Ќе биде во должина од 2,9км и ширка 13метри и ќе ги порзува влезовите на Штип од Струмица и Скопје. Нејзината изградба ќе чини околу 2милиони евра, средства кои Владата ги обезбеди со кредитот од Унгарија.
„Општина Штип, од овие 100милиони евра за поддршка на локалните самоуправи ја следуваат околу 2милиони евра. Затоа го прилагодивме овој проект да се вклопи во тој финансиски износ и да може во целост да се реализира. Секако дополнителни фази од реализацијата на пректот ќе бидат оставени за следната година, коишто ќе овозможат пуштање во употреба на оваа обиколница„ изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Според планот, новата обиколница која ќе ги поврзува влезовите на Штип, од Струмица и Скопје, треба да биде готова за една година.







