Општина Кисела Вода продолжува да го покажува својот фокус кон социјалната инклузија, ставајќи посебен акцент на поддршката за децата со атипичен развој. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски објави значајни новини, меѓу кои и официјалното потпишување меморандум за соработка со Филозофскиот факултет од Скопје, предводен од деканот проф. д-р Оливер Бакрески, и Институтот за специјална едукација и рехабилитација.

„Горди сме што со оваа соработка обезбедуваме нова поддршка за родителите и нивните деца. Преку користење на целосно опремените сензорни соби, ќе им овозможиме дефектолошки, логопедски и психолошки третмани, како и стручна помош од високо квалификувани лица,“ истакна Ѓорѓиевски.
Општината, која веќе има опремено шест сензорни соби во основните училишта, во изминатиот период реализираше бројни едукативни активности, трибини и стручно-научни конгреси во соработка со релевантни институции.
„Нашата цел е да го подобриме квалитетот на живот на овие деца и да обезбедиме поддршка за нивните семејства. Продолжуваме да работиме со целосна посветеност,“ додаде тој.
Во рамките на новата соработка, студентите и кадарот од Филозофскиот факултет ќе имаат можност за стручна пракса, што дополнително ќе придонесе за развојот на оваа област.
Со ваквите активности, Кисела Вода останува пример за општествено одговорно работење и грижа за најранливите категории.







