Со свечена церемонија и положување на свежо цвеќе, денес во Битола беше одбележан Денот на Примирјето во Првата светска војна, симболично потсетувајќи на 11-ти ноември 1918 година, денот кога стапи на сила примирјето кое ги оконча крвавите борби. Настанот, кој се одржа на српските воени гробишта, беше чест на паднатите борци и на сите жртви кои ги дадоа своите животи за време на Првата светска војна, особено на оние кои загинаа на Солунскиот фронт.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, заедно со високи претставници на Република Србија – државниот секретар Зоран Антиќ, потпретседателот на Владата Иван Стоилковиќ, амбасадорката на Србија во Македонија Невена Јовановиќ, како и претставници на Заедницата на Срби во Македонија, одадоа почит на сите жртви. Градоначалникот Коњановски ја истакна важноста на почитувањето на историјата и спомените кои ги носи Битола.

„Битола – град страдалник, како што е прогласен од Француската Република, денес сме тука да одадеме почит, бидејќи Битола ги почитува традициите и ги чува спомените на тие бурни времиња,“ изјави Коњановски. Тој додаде дека покрај почитувањето на историјата, важно е и градењето на пријателства и насочувањето на заедничките сили кон напредок.
Овој настан го одбележа и 106-годишнината од пробивањето на Солунскиот фронт, настан што го означи почетокот на крајот на Првата светска војна и што за Битола носи силни историски и емоционални спомени.







