Тен Барелс Сира 2017 Резерва (Ten Barrels Syrah 2017 Reserva) од Винарија Камник доби златен медал и е прогласено за едно од најдобрите 10 Сира вина во светот.
Ten Barrels Syrah 2017 Reserva од Винарија Камник доби златен медал и е прогласено за едно од најдобрите 10 Сира вина во светот, на Сира ду Монде 2020 (Syrah du Monde 2020), Меѓународен натпревар за најдобрите Сира вина. Сира 2017 од Винарија Камник го зазема престижното второ место претставувајќи ја нашата држава, пред пласираните производители од Австралија, Франција, САД, Португалија, Канада, Јужна Африка.
Четиринаесеттиот квалитативен натпревар на најдобрите светски вина Сира/ Шираз се одржа на 27-29 октомври во Шато д’Ампуис во северната долина на реката Рона, Франција. Во контекст на натпреварот се дегустирани 307 примероци Сира вино од 27 земји, во согласност со меѓународните правила и се доделени само 14 златни медали на светско ниво.
Сира 2017 од Винарија Камник е вино добиено од сопствените насади, и се карактеризира со интензивна рубин црвена боја, висок екстракт и голем потенцијал за созревање, додека букетo изобилува со ароми на црвено и црно ситнозрнесто овошје. Комплексноста на ова вино се должи на 17-месечното одлежување во нови буриња од американски и француски даб кои придонесуваат за добивање дискретни зачински тонови, елегантен и полн вкус, со одлична структура, кадифени танини и добро интегрирани дабови ароми со долготраен послевкус.
Тен Барелс Сира 2017







