Министерот за правда Игор Филков одржа средба со претставниците на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), предводени од претседателот Трпе Деаноски. На средбата беа разгледани прашања од големо значење, како што се колективниот договор, платите на вработените и подготовката на нови законски решенија кои директно го засегаат правосудниот сектор.
Една од клучните иницијативи на Министерството за правда е подготовката на нов Закон за судска служба, кој има за цел да го унапреди постојното законодавство и да обезбеди подобри услови за работа и заштита на правата на вработените во судскиот систем. Претставниците на УПОЗ на средбата ги истакнаа своите приоритети и побараа поддршка за решавање на клучни прашања, со цел унапредување на условите за работа и зајакнување на правата на вработените.
Филков ја нагласи важноста на овие прашања и посветеноста на Министерството за правда во поддржувањето на вработените во правосудниот систем, со цел обезбедување на правична и ефективна правосудна практика во земјата.







