Европската унија повторно го повика Косово да преземе чекори за основање на Заедницата на српските општини во согласност со нацрт-статутот на ЕУ, објавија косовските медиуми.
“Го повикуваме Косово да продолжи напред со формирањето на Заедницата во согласност со нацрт-статутот на ЕУ без понатамошно одложување. ЕУ, исто така, би сакала да потсети дека Договорот за патот кон нормализација во целост е валиден и правно обврзувачки и за Косово и за Србија”, изјави портпаролот на ЕУ Набила Масрали.
На овој начин, Масрали ја коментираше изјавата на претседателот на Собранието, Гљаук Коњуфка, дека ЕУ нема право да донесува одлуки наместо Косово.
Таа додаде дека исполнувањето на обврските е задолжително за двете страни.
“Од Србија се очекува да ги исполни своите обврски што произлегуваат од Договорот за патот на нормализацијата, од Косово да се движи понатаму кон формирање на Заедницата врз основа на европскиот нацрт и во согласност со планот за спроведување предложен од страна на олеснувачот на ЕУ”, рече Масрали.






