Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов во вечерашното гостување на ТОП ТЕМА на Телма ТВ потврди дека Општина Струмица нема да го напушти ЗЕЛС. Истакна дека го почитува Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски и дека ја цени посветеноста на оваа асоцијација за решавање на проблемите, затоа што секој проблем е решлив, како и оној со водата во Струмица.
– Мојата цел не е да го напуштам ЗЕЛС од што сакам да го напуштам или да алудирам на некаква непочит кон колегата Ѓорѓиевски или кој било друг градоначалник. Алармот за проблемот со водата за пиење е вклучен, за да пристапат централните органи за надминување на состојбата – изјави Костадинов.
Воедно, и покрај претходните негови изјави, посочи дека напуштањето на ЗЕЛС е невозможно без потребното гласање за таква одлука во општинскиот совет, но и поради користењето на апликациите и електронските системи на ЗЕЛС за издавање на градежни дозволи и продажба на земјиште кои им се неопходни на жителите на Струмица.







