Коце Трајановски заедно со стручниот тим на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) изврши увид во градежните активности за изградба на обиколница околу Тетово, која ќе го поврзе клучниот патен јазол Требош со селото Непроштено. Ова е првата фаза од проектот, која опфаќа изградба на 5,34 километри долга обиколница со две ленти, секоја широка по три метри, со цел подобрување на сообраќајната инфраструктура и олеснување на протокот на сообраќај во овој дел од земјата.
Проектот за изградба на обиколницата е финансиран со 12,23 милиони евра од буџетот на ЈПДП. При увидот, екипата на терен потврди дека компанијата „Гранит“ АД Скопје, како изведувач на работите, веќе работи на изградба на надвозник над железничката пруга, каде што се завршени коловите, надколовната плоча и еден крилен ѕид. Во тек е изработката на преднапрегнати носачи за надвозникот, а паралелно со оваа фаза на проектот, се решава и експропријацијата на околното земјиште. Досега, околу 90% од трасата е пробиена и расчистена, а моменталниот напредок на градежните работи е 25%.
Надзор над изведбата на проектот врши „ГЕИНГ“ ДОО Скопје, кој е задолжен за осигурување на квалитетот и стандардите на изведбените работи.







