Првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити, изјави дека за прв пат се случува Владата на Северна Македонија да има издвоено 1 милијарда евра за следните 4 години во текот на мандатот за конкретни проекти на општините.
„Додека оваа година, иако е половина година, веќе се одобрени над 60 милиони евра инвестиции во конкретни проекти за општините, или поточно 271 проект, додека се предвидува до крајот на годината да се заокружи со 100 милиони евра за сите општини, што ќе надмине 300 проекти кои решаваат конкретни проблеми и го подобруваат животниот стандард на граѓаните“, истакна Меџити.
Според него, овие инвестиции ja покажуваат разликата или промената во пристапот на оваа влада, која не е само декларативно проевропска, туку и со инвестиции и конкретни проекти.
„Не е доволно само да се наречеме дека сме за европски вредности, туку со инвестиции и конкретни проекти да се приближиме до европските стандарди, уредувајќи некаде патната инфраструктура, некаде училиштата, некаде градинките, некаде туризмот и многу сегменти кои реално за 1 месец ќе бидат видливи на терен низ Македонија, со конкретна работа во секоја општина, во секое населено место,“ додаде Меџити.







