Рано изутринава, пред Клубот на Партијата за целосна еманципација на Ромите, сместен во кафуле во Тетово, била фрлена рачна бомба која, за среќа, не експлодирала. Сторителот прво го искршил едното стакло од вратата и ја оставил бомбата на местото. По неуспехот во активацијата, се враќа да провери дали бомбата функционира. Откако не успеал да ја активира, си заминал. Сето ова било забележано на безбедносните камери од околните објекти.
Претседателот на ПЦЕР, Самка Ибраимовски, изрази загриженост и не разбира зошто некој би сакал да го демолира нивниот клуб, посочувајќи дека не гледа политичка позадина во овој инцидент.
„Во 4 часот и 23 минути, лицето дошло овде, го искршило стаклото, ја фрлило бомбата, а таа не експлодирала. Но, тој имал храброст да се врати и да провери дали бомбата е активирана. За среќа, не беше активирана; да беше, сигурно би направила голема штета. Нашиот член на партијата, кој утринава дошол во клубот, почнал да го мете скршеното стакло без да ја забележи бомбата, па можел не сакајќи и тој да ја активира. Се работи за бомба кашикара од постар тип, која има значително разурнувачко дејство. Како политичка партија, немаме забелешки и не сме се замериле со никого, освен можеби со некои извршители. Дали тоа е причината или нешто друго, се надевам дека набрзо ќе дознаеме“, изјави Ибраимовски.
На местото на инцидентот, полициски службеници од СВР Тетово извршија увид, а екипа за антитероризам безбедно ја отстрани неексплодираната рачна бомба.







