Зоолошката градина во Скопје е затворена за посетители, а пред влезот се спуштени решетките.
Залепено е известување за посетителите на кое пишува:
„Ве известуваме дека поради техничко-оперативни работи, на ден 19.10.2024, сабота, зоолошката градина за посетители нема да биде отворена“.
Пред малку, поранешниот директор, Ѓорѓи Галетановски, објави дека смртоносна бактерија „птичји грип“ е најдена во зоолошка градина Скопје.
Во објавата тој вели дека во моментов Зоолошка е затворена, посетителите се евакуирани, а инспектори се веќе влезени.
Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков во свој пост на Фејсбук пишува:
„Скопје ЗОО од утрово е затворена за посетители! Истото тоа е по налог на Агенцијата за храна и ветеринарство под сомнение за опасни вируси! Во моментов инспектори и доктори по ветерина се внатре со скафандери и работат на утврдувањето. Повеќе детали официјално чекаме од АХВ и Град Скопје“.
Засега нема официјално соопштение од Скопје ЗОО дали ваквите наводи кои се споделуваат на социјалните мрежи се точни. Нема став ниту од Град Скопје.
Повеќе детали за овој случај кој ги вознемири скопјани се очекуваат наскоро.






