За реконструкција на двата тротоари на булеварот „Партизанска“ и на една страна од улицата „Васко Карангелевски“, во вкупна должина од од речиси 5,4 километри градоначалникот на Битола ќе плати половина милион евра. Тоа е најдобрата понуда што во конкуренција на шест фирми ја дала компанија од соседниот Демир Хисар
Битола претендира да биде првиот македонски вело-френдли град. Започнува градежна офанзива односно на реконструкција на тротоарите од левата и десната страна на булеварот „Партизанска“ како и на една страна на улицата „Васко Карангелевски“. Општината Битола планира на реконструираните тротоари на овие главни битолски сообраќајни артерии да изгради велосипедски патеки и во нив ќе вложи 497.000 евра (со вклучен ДДВ).
Најдобар понудувач на тендерот е фирмата „Јоскатранс Трејд“ од соседниот Демир Хисар. Оваа компанија се обврзала во рок од 120 работни денови откако ќе биде воведена во работа во целост да ги заврши сите градежни активности и да ги опреми двете улици со нови тротоари кои всушност ќе бидат и површини за возење велосипед.
Според податоците од договорот и од спецификацијата кои се достапни на сајтот на Бирото за јавни набавки „Јоскатранс Трејд“ од Демир Хисар треба да изврши подготвителни работи, работи на долен строј, работи на горен строј и останати работи за двете страни (лева и десна) на булеварот „Партизанска“. За тоа компанијата изведувач со вклучен ДДВ ќе наплати 425.000 евра. Станува збор за реконструкција на тротоари во должина од околу 4,5 километри на двете страни на булеварот (според податоците од понудата на „Јоскатранс Трејд“)
За истите ставки за улицата „Васко Карангелевски“ потегот од „Педагошка“ до кружен тек Веро ќе бидат изработени работи во вкупна вредност од околу 72.000 евра. Станува збор за траса долга нешто помалку од 800 метри.
Сите детали за набавката вредна речиси 500.000 евра се достапни на следниот линк https://e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/home.aspx#/dossie-acpp/e9309aa8-a47c-4487-8a01-d550b6ca1542
Вредно за истакнување е тоа што на тендерот се пријавиле дури шест изведувачи, а како најповолна е избрана понудата на фирмата од Демир Хисар. Заради големата конкуренција цената е намалена за 18 отсто од почетната односно највисоката цена.
Периодот на истек на договорот е 12 месеци, а ефективно ќе се работи 120 работни денови.







