Скопје, 16 октомври – Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, е добитник на наградата за најголем поддржувач на музиката, културата и спортот во Македонија, што му беше доделена од страна на естрадниот магазин Backstage Macedonia. По повод ова признание, Ѓорѓиевски им се заблагодари на организаторите и на своите поддржувачи.
„Сакам од срце да им се заблагодарам на Бекстејџ за ова високо признание, на сите вас кои сте моја поддршка, на цело Скопје и Македонија,“ изјави Ѓорѓиевски во својата објава на социјалните мрежи. „Кога човек има шанса дадена од народот, прави сѐ за да остави дела позади себе по кои ќе го паметат.“
Ѓорѓиевски нагласи дека како градоначалник се залага за создавање услови во кои младите музичари, спортисти и уметници ќе можат да творат и да напредуваат во Македонија. „Мој приоритет е да ги задржиме тука, дома, за да се развиваат во своите кариери,“ потенцира тој.
Наградата ја посвети на своето семејство, истакнувајќи ја поддршката од својата сопруга и син, кои му се најголем извор на инспирација во неговата работа. „Ова што го правам го правам за нив, но и за моите сограѓани.“
Во завршницата на својата порака, Ѓорѓиевски упати честитки до екипата на Backstage Macedonia за нивниот 17-ти роденден, посакувајќи им уште многу успешни години во македонскиот медиумски простор. „Продолжете да го правите тоа што најдобро го знаете – да бидете најдобри,“ порача тој.
Backstage Macedonia е еден од водечките естрадни магазини во земјата, со долгогодишна традиција и влијание во промоцијата на македонската музичка и културна сцена.






