Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го информирал американскиот претседател Џо Бајден дека одмаздата на Израел против Иран нема да вклучува напади врз цивилни и индустриски локации, пишува Вашингтон пост.
Израелскиот премиер ја ограничи планираната акција за да избегне мешање во изборите во САД, изјави официјален претставник.
Извештајот на Вашингтон пост цитира двајца функционери запознаени со ова прашање, вклучително и еден идентификуван како американски функционер. Во извештајот се сугерира дека Израел го држи отворено времето на одмаздата, но еден официјален претставник рекол дека тоа ќе се случи пред изборите во САД кои се одржуваат на 5 ноември и дека ќе има „повеќе одговори“, што значи повеќе напади врз Иран.
Нетанјаху му рекол на Бајден, меѓу другото, дека Израел планира да го ограничи нападот врз воени локации, објави Вашингтон пост.
Претходно се сметаше дека Израел размислува за напади врз иранската нафтена инфраструктура или нуклеарни локации, на кои САД се спротивставуваат поради нивниот потенцијал за ескалација на борбите.
„Ги слушаме размислувањата на Соединетите Држави, но ќе ги донесеме нашите конечни одлуки врз основа на нашите национални интереси и безбедност“, се вели во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху, цитирано и во написот на Вашингтон пост.
Извор близок до Нетанјаху, цитиран од весникот, изјавил дека израелскиот премиер се координира со САД, но нема да чека Белата куќа да даде одобрение пред да започне напад.






