Зголемување на платите на медицинскиот технички персонал идната година најави министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска. Според неа, оваа група вработени заедно со вработените во образование биле најзапоставените во однос на покачување на личниот доход.
Исправаме една неправда вели Кочоска, потсетувајќи дека вчера е најавено 5 процентно зголемување на платите на наставниците и професорите. Сепак, иако министерката е задоволна од тоа како се полни државната каса, во буџетот за идната година зголемувања на платите во другите сектори не се планирани. Тоа го остава како можност за две до три години.
Дел од синдикатите задоволни од најавата на министерката. Првиот човек на Конфедерацијата на слободни синдикати Благоја Ралповски вели дека со ова се исправала долгогодишна неправда и смета дека покрај потпишувањето на анекс на колективните договори, треба да се најде долгорочна стратегија како да се зголемат платите, а не само да се усогласуваат.
Со исплатата на септемвриската плата, јавниот сектор доби минимално зголемување на платата поради усогласувањето со инфласцијата, која во овој период е 0,8 проценти.






