Александар од првиот момент тврдеше дека Вања е киднапирана, ми кажа дека бил во Сарај кај пријател, па во Арачиново, па во Блаце, но имало многу гужва и се вратил, сведочеше мајката Зорица Ѓорчевска.
Следејќи го мобилниот телефон, првата локација што ми ја покажа Гугл веднаш по исчезнувањето на ќерка ми беше една напуштена куќа на булеварот Партизански одреди во Скопје, изјави мајката на убиената Вања Ѓорчевска, Зорица Ѓорчевска, на денешното сведочење за убиствата на нејзината ќерка и на велешанецот Панче Жежовски што се случи лани во ноември.
– Тој ден Вања во 7.20 часот излезе сама за на училиште, јас излегувам во 7.40 часот. Тогаш ја видов и пораката од класната дека Вања ја нема на прв час, пораката е во 7.43, јас сум ја видела во 7.45 часот. Ѝ свртев на телефон на Вања, но не беше достапна. Локацијата на Гугл покажа дека е некаде на Партизанска. Решив да му се јавам на Александар, му кажав дека Вања ја нема. Рече дека ќе дојде и со Александар со кола отидовме на местото каде што покажа Гугл, ама таму имаше една напуштена куќа. Викавме: Вања, Вања, ама ништо. Околу 8.30 часот во полиција направивме пријава и почна потрагата. Александар брзо дојде откако му се јавив, не е вообичаено тој брзо да се подготвува, знае да доцни, но јас кога му се јавив брзо дојде. Не ми рече ништо околу снемувањето на Вања, јас се правдав дека не знам каде е, дека не сме се скарале, зборувавме каде да одиме, каде да ја бараме. Се вративме пред Соборна на клупа, седнав со полицаец, давав податоци, им се јавив на колеги на телефон, да пробаат и тие да ѝ го лоцираат телефонот. Полицаецот предложи да се вратиме дома, да не се вратила случајно, оти таа претходната ноќ се жалеше дека не ѝ е добро. Тогаш се јави помалата ќерка од училиште, сфатила дека Вања не отишла во училиште, почна да плаче и отидов да ја земам од школо – сведочеше Зорица Ѓорчевска.







