“Денеска се обратив на настанот Судски совет-Предизвици и препораки за обезбедување на независно судство, посочувајќи дека е потребно да се насочиме кон решавањето на ситуациите, проблемите и да превенираме во иднина да немаме било каков сомнеж кој што може да ја доведат во прашање независноста и стручното постапување на Судскиот совет.
Да не се залажуваме, нема реформа што не е болна, но нема ниту реформа како оваа, што е толку неопходна. Сакам да порачам дека ќе ги спроведеме неопходните реформи, колку и да се тешки. И нема да запреме додека повторно не почнат граѓаните да гледаат со полна доверба кон судовите во постапките за заштита на своите права.
Веќе од наредниот месец започнуваме со јавни дебати за Законот за судскиот совет. Дебати кои што ќе бидат експертски и за кои сум сигурен дека ќе вродат со плод особено во деловите од законскиот текст кои се однесуваат на дисциплинската постапка, постапката по жалба, изборот и разрешувањето. Овие три аспекти од законскиот текст ги увидовме како клучни за самиот почетокот за да можеме да одиме понатаму со чекорите кон враќањето на довербата во правосудниот систем.
Да не бегаме од тешките одлуки што ни претстојат. Да се соочиме со неефикасноста и да изградиме правосудство кое не е само независно и ефикасно, туку и такво во кое граѓаните на Северна Македонија повторно може да веруваат.”







