Речиси две седмици откако Центарот за јавно здравје и Агенцијата за храна и ветеринарство соопштија дека водата што струмичкото комунално претпријатие ја дистрибуира до домаќинствата не е безбедна за пиење и готвење, слични резултати стигнуваат и за водата во Василево.
Доцна синоќа Општина Василево на своите профили на социјалните мрежи извести дека по најновите резултати од направените физичко-хемиски и микробиолошки анализи, Василево и наслеените места Градашорци, Ангелци, Едрениково, Добрашинци, Нова Маала и Чанаклија не треба да ја користат водата од водоводната мрежа за употреба и пиење.
Ова не е првпат водата од водоводот во Василево да е забранета за пиење. Такви забрани имаше и во февруари годинава и во јануари 2023 година. Тогаш општината соопшти дека водата е заматена поради обилни врнежи и наглиот пораст на нивото на брана Турија.






