Екстремните топлотни бранови во Европа, Северна Америка и Азија соборија рекорди во градовите околу северната хемисфера помалку од две недели откако Земјата ги забележа, како што велат научниците, најверојатно нејзините најжешки денови во модерната историја.
Како што пренесува Њу Јорк Тајмс, температурите, кои погодија толку голем дел од светот одеднаш, беа потсетник дека климатските промени се глобална криза, поттикната од силите создадени од човекот: емисиите на гасови кои ја задржуваат топлината, главно предизвикани од согорувањето на фосилните горива. Враќањето на Ел Нињо, циклична временска шема, исто така има широки ефекти врз времето ширум светот.
Планетата се загреа околу два степени целзиусови од 19 век и ќе продолжи да расте се додека луѓето не престанат да согоруваат јаглен, нафта и гас, велат научниците. Повисоките температури придонесуваат за екстремни временски настани и помагаат периодите на екстремни горештини да бидат почести, подолги и поинтензивни.
Во опасната зона се наоѓа Иран, каде индексот на топлина во последните денови достигна 66 степени целзиусови, блиску до границите на она што нормално може да го издржат здравите луѓе.
Во Европа, официјалните лица во многу градови воведоа станици за ладење. И имајќи ја предвид опасноста – повеќе од 61.000 луѓе загинаа во топлотните бранови минатото лето, според една неодамнешна студија – тие ги повикаа посетителите и жителите да останат внатре во најжешките часови во денот. Работниците со ниски примања се особено ранливи.
Во меѓувреме, во Европа, делови од Франција и Шпанија во вторникот го достигнаа рекордот на сите времиња во екстремен настан познат како топлотниот бран Серберус. Жирона, во шпанската област Каталонија, достигна рекордно високо ниво од 45 °C (113 °F), додека Верден во североисточна Франција достигна 40,6 °C (105 °F) за прв пат досега, пренесува Аксиос.

Тоа им создава проблеми на земјите ширум светот и бара од нив итно да се справат со климатските промени, кои според научниците ќе ги направат топлотните бранови уште почести, посериозни и посмртоносни, наведува Ројтерс.
Џиновскиот термометар во кинеската провинција Ксинџијанг ја измери температурата на земјата на 80 степени Целзиусови, бројот на загинати од обилните дождови во Јужна Кореја денеска достигна 44, а трет ден горат шумските пожари западно од грчката престолнина Атина, пренесува Ројтерс.
Во исто време, Големиот остров на Хаваи се подготвува за ударот на тропската бура Калвин, за која се очекува да донесе дури 20,3 сантиметри дожд и силен ветер, соопшти американската Национална метеоролошка служба (НВС).

Светската метеоролошка организација во вторникот предупреди на зголемен ризик од смрт поради високите температури.
Во Јужна Кореја од минатата недела поројни дождови ги погодија централните и јужните региони.
Четиринаесет лица загинаа во подвозник во централниот град Чеонгџу, каде што повеќе од десетина возила беа поплавени во саботата кога се урна насип на река.
Во југоисточната провинција Северен Ѓеонгсанг загинаа 22 лица, од кои повеќето поради лизгање на земјиштето и поројни поплави.
Љубопитни туристи во западната кинеска провинција Ксинџијанг, опремени со шешири и чадори, се бореа со високите температури за да направат селфи со џиновскиот термометар кој покажувал температура на површината во реално време од 80 степени Целзиусови, покажа државната телевизија.






