Верниците од исламска вероисповед денеска го слават празникот Курбан Бајрам, вториот најголем празник на муслиманите по Фитр Бајрам.
На првиот ден од празникот се изведува молитвата за Бајрам – Бајрам намаз, со која верниците бараат милост од Алах.
Карактеристично за овој празник е принесувањето жртва – курбан, која има симболика на приближување кон Бога.
Припадниците на исламската вероисповед го прaзнуваат големиот празник Курбан Бајрам. Овој празник е познат како празник на жртвата, бидејќи тогаш се принесува животно како жртва за доброто на верата и за корист на луѓето. Принесувањето курбан е ритуал што се поврзува со Ибрахим (Авраам) и Исмаил и значи приближување кон Бога. Според Куранот, светата книга на муслиманите, оваа жртва ја заменува човечката која требало да ја направи Ибрахим наместо да го жртвува сопствениот син. Но, Алах тоа го заменил со овен. Подготвеноста на Ибрахим да го жртвува својот син за доброто на Алах предизвикало Алах да му го поштеди животот на неговиот син. Ова се сметало за Господово чудо. Токму поради оваа посветеност во историјата на исламот, муслиманите го слават Курбан Бајрам секоја година за да ги примат Алаховите благослови и прошка.
Традицијата на Курбан-бајрам останала до ден денешен. Обичајот го изведуваат сите муслимани кои имаат можност за тоа, веднаш по клањањето на бајрамскиот намаз. Покрај овен, за курбан може да се принесе и овца, коза, крава или камила. При принесувањето на животното се изговара: ,,Бисмилах – Алаху екбер” што значи „Во името на Алах.Алах е најголем“

Како курбан најчесто се принесуваат овни или телиња. Обичајот го изведуваат сите кои имаат можност, а тие кои принеле жртва, потоа им раздаваат од месото на сиромашните, соседите и на роднините.
Курбан Бајрам трае три дена. Со овој празник се крунисува аџилакот, кој важи за петти темел на исламот.
Првиот ден од Курбан Бајрам, 28 јуни, е неработен ден за граѓаните од муслиманската вероисповед во Република Северна Македонија.







