Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган побара од жителите на покраината Адијаман „прошка“ за доцното пристигнување на спасувачките екипи поради тоа што таа област на југоистокот на земјите беше меѓу најпогодените во земјотресот од 6 февруари.

Фото: ЕПА
„Поради разорниот ефект на двата земјотреси и лошото време не можевме во првите денови на катастрофата во Адијаман да работиме како што сакавме. Поради тоа ве молам да ми простите“, кажа Ердоган при посетата на Адијаман.
Шефот на турската држава пристигна во тој град три недели по земјотресот кој во Турција и соседна Сирија однесе животи на над 50.000 луѓе. Турскиот претседател, на власт веќе 20 години и со амбиција да ја задржи функцијата по 14 мај, е жестоко критикуван за бавноста на државата во помошта на погодените.
„Толку многу згради и објекти се уништени што, за жал, не бевме толку брзи колку што се надевавме“, кажа Ердоган. Призна „пропусти“ во одговорот на земјотресите, додавајќи дека е „невозможно да се биде целосно подготвен за катастрофа од такви размери“.
Во Адијаман и покраината Хатај луѓето изразија големо незадоволство од одговорот на властите на природната катастрофа. Ердоган вчера вети изградба на околу 50.000 нови станови во Адијаман. Во 11-те покраини погодени од разорните земјотреси треба да се изградат околу 300.000 станбени единици






