Две лица се спасени денеска, деветти ден од земјотресите во Турција, откако поминале 198 часа под урнатините, јави турската приватна телевизија Си-Ен-Ен-Турк.
Двете лица беа извлечени од урнатините во областа Кахраманмараш, која беше епицентарот на разорните земјотреси со јачина од 7,7 и од 7,6 степени по Рихтер на 6 февруари.
Еден од спасените е 17-годишно момче. Телевизијата Си-Ен-Ен-Турк прикажа снимка на која спасувачите носат две лица на носилки до амбулантни возила.
Сите се пренесени во болница и засега нема нови информации за нивната состојба.
Поради последиците од разорните земјотреси што пред повеќе од една недела ја погодија турско-сириската граница, 1,2 милиони луѓе останаа без покрив над главата во југоисточниот дел на Турција, соопшти во понеделникот кабинетот на турскиот претседател.
Во меѓувреме, околу 176.000 шатори се подигнати во најтешко погодените провинции во Турција. Агенцијата за катастрофи АФАД објави дека нивните работници поставиле илјадници контејнери за домување.
Според последните податоци, во земјотресите во Турција и Сирија загинаа над 37 илјади луѓе.






