Во мојот град Куманово нема да се тргаат натписите на спомен плочите каде пишува „бугарски фашистички окупатор“, затоа што и тој бил окупатор, не бил администратор. Значи, нас не окупира. Ако се сеќавате во периодот на окупација, доаѓаат бугарските војски во Македонија, тоа е свежа историја, ги чекаат на одредени места и градови со леб, сол и погача. Ја делат Македонија до Групчин и тоа ја потврдува желбата за чиста окупација и припојување на територија, изјави градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски на гостувањето во емисијата „Говори сега“ на бугарската национална телевизија БНТ1 во Софија.
Во емисијата, Димитриевски изјави дека Гоце Делчев е симболот на македонизмот.
„Бугарите ќе бидат запишани во Уставот без никаков проблем кога ќе има реципроцитет, кога мојата баба Бранка во Благоевград ќе може да биде Македонка, а не Бугарка. Ќе си најдете начин барем една декларација во Парламентот ќе донесете кадешто ќе го признаете македонското малцинство“, изјави градоначалникот на Куманово.
Димитриевски потенцираше дека Бугарите мора да признаат еден непобитен факт, а тоа е дека Македонецот постои и не може да велат дека после ‘46-та година Македонците настанале.
Во емисијата, тој посочи дека во периодот 1941-1944-та година Бугарија е составен дел на фашистичката коалиција и за тоа постојат документи, а официјална Бугарија никогаш не излегла со став и не се извинила.







