„Немам против Бугарите да влезат во Уставот, но бугарското Собрание да донесе официјална декларација со која го признава македонскиот народ, култура и јазик и еднаш засекогаш ќе се откаже од територијалните аспирации кон Македонија“, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово во емисијата СТУДИО 10 на ТВ24.
„Европа треба да ги дисциплинира.
Ние знаеме како Бугарија и Романија влегоа во ЕУ – тие не исполнуваа услови, тоа беше политичка одлука. Денеска се најпроблематичните во ЕУ. Затоа ЕУ не смее да молчи и треба да ги дисциплинира членките кои не ги почитуваат европските вредности“, вели Димитриевски.
Тој истакнува дека во историјата Македонците секогаш биле на вистинската страна.
„Да сум пратеник, не би гласал за францускиот предлог. Тој е неприфатлив за нас“, вели фградоначалникот на Куманово.
Во врска со „најавите“ дека и во Куманово ќе бил отворен бугарски културен клуб, Димитриевски вели:
„Ако има обид да се отвори бугарски клуб со несоодветно име ќе ги повикаме официјалните, државните служби да реагираат. Ако тоа не се случи, никој не може да ги спречи кумановци да се самоорганизираат“, вели Димитриевски.






