Продолжува проблемот со кучињата скитници во Струга. Активистите известуваат за нови напади врз кучињата и пишуваат за нивното масивно труење.
Од друга страна се почести се нападите од кучиња скитници врз граѓаните. Вчера околу 7 часот наутро камера го снимила моментот кога шест кучиња напаѓаат граѓанин кој се движи на улица и за среќа се спасува без ниту едно каснување.
Ова не завршува тука бидејќи пред неколку дена девојче е нападнато од глутница кучиња во Струга. Нела Стојаноска заврши во болница со повреди во рамото и ногата.
Општина Струга преку Фејсбук објава им се обрати на граѓаните да престанат со говорот на омраза бидејќи, како што пишуваат, состојбата ја загрижува и општината.
„Сосема сте свесни за состојбата со кучињата скитници во нашиот град, особено последниве денови, кога бевме сведоци на агресивни напади од овие животни врз граѓани, млади и стари, без разлики. Општина Струга е ангажирана на повеќе насоки за што поскоро решавање на овој проблем. Сепак, многу внимателно ги следиме печатените и електронските медиуми, како и социјалните мрежи и забележуваме една многу сериозна појава. Секаде читаме и слушаме говор на омраза, со многу висока доза. Се разбира, не можеме да ја изгасиме или блокираме емоцијата на граѓанинот, кој во многу случаи е сосема во право, а понекогаш и ние се согласуваме со него. Сепак, ние во никој случај нема да дозволиме институцијата општина или градоначалникот да бидат цел на поединечни изливи, или пак место каде што некој од вас сака да го изрази својот највалкан можен речник. Не дозволуваме да не нарекувате убијци и платеници, со крвави раце, место на ужасот, бескрупулозни, големи кучиња на општината, и што ќе ви дојде при уста!“, се вели во соопштението од Општината.






