Вагон од патнички воз на релација Гевгелија – Скопје утринава се излизгал од шините на станицата „Кадина Река“, меѓу Велес и Скопје.
Во моментот на инцидентот во возот имало околу 150 патници, но за среќа ниту еден не бил повреден.
-При поаѓање на возот број 630 кој сообраќа на релација Гевгелија – Скопје, дојдено е до излизгување односно испаѓање на едната осовина од еден патнички вагон. Само што тргнал возот едната осовина излегла. Возот застанал на самото место. Повикана е екипа од страна ЈП МЖ Инфраструктура, се работи за стручна екипа која ќе констатира поради што е настанато излизгувањето. – Никола Марков – Помошник директор за сообраќај на МЖ Инфраструктура
Патниците бргу по настанот се транспортирани во Скопје. Сообраќајот на железничката линија Велес – Скопје неколку часа била во прекин а потоа е нормализиран.

Дел од машиновозачите кои сакаа да останат анонимни за Канал 5 велат дека инфраструктурата е проблем, пругата не се одржува и не е ремонтирана со години. Од Македонски железници пак уверуваат дека проблем со инфраструктурата нема, а за последната несреќа стручна екипа ќе ги утврдува причините.
-Нема проблем. Има посебна комисија, иако е тешко да се утврдат причините поради кои е настанат инцидентот, за разлика од патниот сообраќај, тука е потешко да се утврди причината поради која е настаната самата несреќа, сепак стручните екипи ќе ги констатираат причините. – Никола Марков – Помошник директор за сообраќај на МЖ Инфраструктура
Пред само четири дена се случи железничка несреќа кога машина на МЖ Инфраструктура удри во минибус полн со патници исто така кај Велес на преминот кај поранешната фабрика Порцеланка при што беа повредени 12 лица меѓу кои и две деца. Токму на тоа место каде е слаба светлосната сигнализација а нема ниту рампи и знаци, во изминатиот период често се случуваа железнички несреќи, што ја доведува во прашање безбедноста во железничкиот сообраќај.







