Тело на 26-годишен македонски државјанин е пронајдено на 17 декември околу 21 часот во близина на трговскиот центар „Парадајз“ во Софија, јавува дописникот на МИА од Бугарија. Телото било испратено во Одделот за судска медицина, а за случајот е поведена и предистражна постапка. Според првичните сознанија, немало траги на насилство на телото на македонскиот државјанин, и најверојатно станувало збор за предозирање.
Другар на починатото момче, извесен Боби Илиоски, пак, на својот Фејсбук-профил сподели информација за трагедијата што се случила во соседна Бугарија изминатиот викенд и според она што го пишува тој не станува збор за предозирање, туку за убиство.
– Сабота, 17ти- декември, е убиен македонски државјанин во соседна Бугарија, Стојан Спасов. Два дена после неговата смрт, никој од македонските медиуми не го објавува случајот. Столе е пронајден мртов пред шопинг мол. Телото е на обдукција и се уште не знаат како е настаната смртта. Апелирам до медиумите да ја објават веста за неговата смрт! Истовремено апелирам до македонската полиција и до македонските служби да помогне во обдукцијата да се дознае вистинската причина за смртта, и да помогне за враќање на телото во нашата држава, напиша тој.






