Оставајќи го речиси без зборови уредникот Гоце Михајлоски за време на емисијата „Само интервју“, Арсовска ги објасни наводните закани кои ги добивала од Мицкоски:
„Јас сум имала закани од Христијан Мицкоски. И тоа конкретно, лично и директно. Со зборовите ‘Доколку не го направиш ова ќе ти се случи тоа и тоа. Во првиот момент кога ќе станам премиер ќе те влечеме по улици, ќе го бришеме подот со тебе’. Верувам дека не жена, туку ниеден човек не треба да биде ставен под таков притисок“.
Потоа таа додаде дека на човек кој дава вакви закани не треба да му се дозволи да биде на функција да владее:
„На оној којшто ги искажува овие закани не треба да му се дозволи во ниту еден момент да биде на функција од која може да ги исполни сите овие закани. Не треба да им се дозволи на лица коишто на овој начин претендираат да дојдат и да владеат за да го направат тоа. Едноставно, не заслужуваат“, рече таа.
Во интервјуто Арсовска нагласи дека досега повеќепати јавно кажала дека добива закани, но дека засега никој од институциите не презел конкретни мерки околу тоа прашање.
„Не знам што повеќе треба да се случи за кој било да преземе нешто во оваа држава. Сакаме да зборуваме за систем, за борба против криминал, против корупција, против влијанија, а што е ова ако не е влијание, ако не е притисок“, рече таа.
Арсовска уште еднаш потврди дека нема намера да поднесе оставка и покрај сите притисоци што ги има од септември наваму откако нејзината соработка со ВМРО-ДПМНЕ драматично се скрши со тврдењата за „рачињата во медот“ околу изградбата на пречистителната станица во Скопје.






