Од Градот информираат дека заради реконструкција на сообраќајниците, за жал, неопходно е воведување на привремени режими кои предизвикуваат застој.
-Застоите се краткотрајни, а градежните активности се воглавно завршени (оосвен на 2 до 3 локации), а граѓаните ќе добијат нова реконструирана сообраќајна инфраструктура-децидни се од Градот.
-Дополнително, околу промените на возните редови и трасите на движење на автобусите, како и потенцијалното затворање на одредени автобуски постојки, ЈСП-Скопје претходно ја известува јавноста преку соопштенија до јавноста и објави на нивните профили на социјалните интернет мрежи-потенцираат градските власти.
Тие ги замолуваат учесниците во сообраќајот да ја користат скопската обиколница преку излезите во Визбегово (Качанички пат), клучката кај Мирковци и клучката по новоизградениот булевар „Христијан Тодоровски Карпош“, како и паралелните улици „808“ (кај фабриките „Европа“ и „Скопска пивара“), крстосницата на булеварот Киро Глигоров, завртување по улицата „Перо Наков“ (кај „Металски завод“ и „Електроелемент“), вклучување на улица „Благоја Стефковски“ и потоа користење на правецот за Куманово од кај СЦ „Хиподром“ и кон Велес преку Идризово.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов за новинарите изјави дека главно се работи за останата реконструкција на три сообраќајници.
-Станува збор за булеварот „Александар Македонски“, улицата „11 Октомври“ и улицата „8 Септември“, чија реконструкција би требало да заврши до крајот на месецов. Другите улици: „В. С. Бато“, „Васил Ѓоргов“, „Џон Кенеди“ се завршени викендов, сите други се проодни – вели Шилегов.






