Билјана Дебарлиева речиси 30 години е препознатливо лице од телевизијата. Иако како девојка била срамежлива и не мислела дека ќе биде некогаш пред камера, денес не може да замисли да не ја работи оваа професија.
„Ми беше незгодно и во продавница да влезам и да прашам нешто, а не, пак, да сум пред камери. Едно лето се бараа најавувачки на програмата во МРТ. Бевме на журка, па другарка ми ме убеди, а и Јован, тогаш сè уште ми беше момче, ми рекоа: ‘Ајде де, пробај, ништо не губиш’. Потоа ми рекоа дека ме сакала камерата и така почна целата приказна“, се сеќава Дебарлиева.
Препознатлива по својата смиреност и нежен сензибилитет, на прашањето има ли шанси да се качи на маса кога е во кафеана, низ насмевка вели: „Не, не. На маса нема да се качам, може тоа ептен нешто блиски луѓе да сме, ама и тогаш тешко. Иако јас сакам многу да пеам, сакам да пијам само црвено вино, сакам убава музика, дружби, кога сме собрани друштво. Ако ме прашуваш дали ќе се опијанам, си ја знам границата“, се шегува Дебарлиева.







