Како што информираат на Фејсбук групата “Makedonier in Deutschland -Македонци во Германија“, родителите се уште можат да ги пријават своите деца за изучување на македонскиот јазик во Минхен, Аугсбург, Равенсбург, Улм и Нов Улм (со околината).
Пријавувањето можат да го направат на е-маил адресата на наставничката Анастасија (a_nejman@yahoo.com), или кај Претседателот на македонското друштво “Илинден” од Минхен, Дејан (dejan_todorov@yahoo.de).
Се работи за официјални паралелки по македонски јазик во Германија, а наставниците се платени од страна на нашето Министерство за образование. На крајот од школската година децата се стекнуваат со официјални сведителства, а нивниот успех од наставата по македонски јазик, влегува во вкупниот просек на оценки во германските училишта.
Овој проект е пракса повеќе години во Германија, а оваа година и покрај опструкциите од Македонија, дијаспората се изборила истиот да продолжи, а нашите деца таму и понатаму да го изучуваат својот мајчин јазик.
Македонската дијаспора во Германија важи за една од најорганизираните во светот, а преку погоре споменатата Фејсбук група, на Македонците во Германија, но и оние кои се интересираат за работа и престој во оваа европска земја, им се достапни сите потребни информации.







