Возачите и сервисерите на автобуси од ЈСП „Скопје“ најавија дека Скопје во наредните денови може да остане без јавен превоз доколку не им биде исплатена плата. Велат дека уште немаат земено плата за месец септември, и дека ова не е прв пат да се доцни со исплатите, пренесува порталот СДК.
„Ние секојдневно навремено ги извршуваме обврските, но гладни не можеме да возиме или да ги сервисираме возилата. Состојбата е лоша, немаме земено плата, а знаеме дека не чекаат и тешки зимски месеци и затоа на овој начин кажуваме дека бараме навремено да ни исплаќаат плати не само сега туку да се обезбедат пари и за наредните месеци. ЈСП нема пари, зависиме од Град Скопје. Ако Градот не најде пари за нас ние нема да возиме и Скопје ќе остане без јавен превоз. Ќе нема ниту кој да ги поправа возилата на Пожарна оти од пред некој месец и тоа е наша обврска“, вели Миќо Стојановски претседател на синдикалната организација на ССМ при ЈСП „Скопје“.
Вработените во наредниве денови ќе ја добијат заслужената плата, нема да дозволиме скопјани да останат без јавен превоз, велат од ЈСП.
Веруваме дека централната власт и дел од општините ќе ги исплатат заостанатите обврски кои ги имаат за испорачаната услуга од страна на ЈСП за организиран превоз за одредени категории патници, средства со кои се исплаќа платата за вработените во ЈСП.
Очекуваме дека час поскоро ќе ги подмират минатогодишните долгови и тековните обврски како не би се довела во прашање редовната работа на претпријатието.
И покрај тешката ситуација, на која никој во државата не остана имун, работиме за јавниот превоз да продолжи да функционира без проблеми во интерес на сите негови корисници.
Во меѓувреме, и покрај сите околности, економската криза и констатниот пораст на цената на горивата, висината на цената на билетите остана иста, а нема редукции на возниот ред, реагираат од ЈСП.







