Руските сили утринава истрелаа седум проектили врз станбени згради во украинскиот град Запорожје.
Во нападот загина една жена, а најмалку пет лица сѐ уште се под урнатините. Нападот се случил во раните утрински часови, пред зори.
„Многу луѓе беа спасени, меѓу кои и тригодишно девојче, кое беше хоспитализирано. Спасувачката операција сѐ уште трае“, објави гувернерот на регионот Запорожје, Олександр Старук, на својот канал на Телеграм. Вкупно седум лица се ранети, а нивните повреди се различни.

„Една жена загина, а друга е на пат кон болница како резултат на седум руски напади“, напиша Старук на апликацијата за пораки Телеграм, пренесе Ројтерс.
Тој додаде дека најмалку пет лица се под урнатините на зградите.
Запорожје е главен град на истоимениот регион, за кој Русија тврди дека го припоила.
Попладнево во Запорожје одекнаа уште три силни експлозии, јавува Би-би-си.
Гувернерот на регионот ги повика жителите на градот да останат во засолништата и предупреди на „нов ракетен напад“.
Олександр Старук претходно предупреди на можноста од нови ракетни напади.






