По спроведена истражна постапка и извршен увид од страна на обвинетиот и неговата одбрана, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против поранешниот секретар на Владата, Мухамед Зекири.
Обвинетиот како службено лице – Генерален секретар на Владата на РСМ, со умисла извршил две временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
Тој, во периодот од месец април 2021 година до месец март 2022 година, искористувајќи ја својата службена положба и овластување постапил спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки и во два наврати, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка во која на конкурентен начин би се одбрало правно лице за спроведување на потребните активности, склучил два договора со две правни лица како даватели на услуги.







