Основниот суд во Приштина донесе одлука да му определи мерка притвор во траење од еден месец, на малолетникот кој е осомничен дека во саботата заедно со уште четири лица силувал девојче.
Ова го соопшти портпаролката, Мирлинда Гаши.
„Повикувајќи се на Вашето барање за информација, ве известуваме дека во врска со овој случај, Основниот суд во Приштина – Одделот за малолетници изрече мерка притвор во траење од еден месец против малолетно лице, кое се сомничи дека е вмешано во овој случај“, рече Гаши.
Таа додаде дека во однос на другото лице приведено за овој случај, се очекува одлуката да биде донесена дополнително.
„Ве информираме дека во врска со овој случај, Основниот суд во Приштина, Одделот за тешки кривични дела денеска од Основното обвинителство во Приштина доби барање за определување мерка притвор за обвинет, кој се сомничи дека е вмешан во овој предмет “, рече Гаши.
Пет лица се осомничени дека во саботата од 17:30 до 00:30 часот силувале малолетничка. Случајот е пријавен во косовската полиција, која преку 24-часовниот извештај соопшти дека во врска со овој инцидент се уапсени двајца осомничени.
Во меѓувреме, портпаролката на Основното обвинителство во Приштина, Лаурета Улај објави дека државниот обвинител поднел барање за определување мерка притвор за двајцата уапсени.
Улај рече и дека за предметниот случај се преземаат сите потребни истражни дејствија во координација со сите надлежни институции. Не е познато каде се другите тројца, кои го силувале девојчето во саботата вечерта во Приштина, објавија косовските медиуми.






