Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во 09:00 часот заедно со раководството на МВР и Бирото за јавна безбедност ќе ги посетат хоспитализираните полициски службеници повредени за време на вчерашниот јавен собир пред Собранието.
Според информациите на МВР, во вчерашниот протест се повредени 47 полицајци, од кои 11 имаат потешки повреди, додека кај двајца повредите се посериозни.
За време на протестот оштетени се и прозорците и фасадите на Владата, Собранието и Министерството за надворешни работи. Скршени се и 16 полициски штитови, повеќе заштитни полициски шлемови и радио-врски, а оштетено е и полициска куќарка пред Собранието и едно полициско возило.

– Констатирани се повеќе нарушувања на јавниот ред и мир од страна на демонстрантите, кои фрлаа со камења, јајца, железни предмети, бекатон плочки, молотови коктели, сообраќајни знаци, канти за ѓубре и пиротехнички средства, како кон објектите, така и кон полициските службеници кои вршеа службени дејства обезбедувајќи ги државните институции, се наведува во соопштението од МВР.






